Почитувани колеги,

Во име на Организациониот комитет на Симпозиумот насловен „Новини во кардиологијата“, со меѓународно учество,организиран од Македонското здружение за кардиологија на Северна Македонија, имам чест и задоволство да Ве поканам да земете учество на Симпозиумот. Истиот ќе се одржи од 1 -3-ти октомври 2021 година, виртуелно.
Симпозиумот е посветен на кардиолози, другите професионалци кои работат во областа на кардиологијата, кои можат да учествуваат во различни теми на кардиоваскуларната медицина. Овој симпозиум е можност за размена на искуства за најновите научни и професионални достигнувања во кардиологијата и за слушање и запознавање на нови колеги од земјата и странство. Размената на искуства на регионално, европско и меѓународно ниво ќе овозможи следење и остварување на мисијата на Европското здружение за кардиологија, која е исто така прифатена од нашето здружение „да го намалиме товарот од кардиоваскуларните болести“.
Една од главните теми на Симпозиумот е кардиоваскуларна дијагностика, како многу важен сегмент за навремено дијагностицирање, прогноза, одлука за третман и следење на кардиоваскуларни болести. Коронарни и структурни заболувања на миокардот третирани со перкутани интервенции, кардиохирургија, срцеви аритмии, срцева слабост, кардиомиопатии, превентивна кардиологија и периферна артериска болест ќе бидат и во фокусот на нашиот национален симпозиум „ Новини во кардиологијата “.
Сесиите посветени на најновите упатства од Европското здружение по кардиологија, исто така ќе го најдат своето место на Симпозиумот.
Симпозиумот е составен од сесии со учество на домашни и меѓународни експерти, сателитски симпозиуми посветени на одредена тема, усни и постер презентации во областа на современата кардиоваскуларна медицина.

Ви поканувам да учествувате во нашиот Симпозиум „ Новини во кардиологијата “.

Проф. Е.Србиновска Костовска, FESC, FAECVI, FACC
Претседател на Македонското здружение по кардиологија на Северна Македонија

 

Програма на симпозиумот

Книга на апстракти