ОДБЕЛЕЖУВАЊЕ НА СВЕТСКИОТ ДЕН НА СРЦЕТО 2026
- септември 30th, 2026
- 0
- admin
- Posted In:
- Светски ден на срцето
- Tags:
- светски ден на срцето
Македонското здружение по кардиологија, со поддршка од Министерството за здравство и Канцеларијата на Светската здравствена организација (СЗО) во Северна Македонија, го одбележа Светскиот ден на срцето – 29 септември со организирање мултисекторски панел во „Europe House“ во Скопје.
Панел-дискусијата имаше за цел да испрати јасна јавна порака за сериозноста на кардиоваскуларните заболувања и за потребата од нивна навремена и системска превенција.
На панелот свои излагања имаа министерот за здравство, г. Сашо Клековски; д-р Аким Али, шеф на Канцеларијата на СЗО во Северна Македонија; г-ѓа Roberta Cortese, шефица на Канцеларијата на Делегацијата на Европската Унија во Северна Македонија; проф. д-р Ирена Митевска, претседателка на Македонското здружение по кардиологија; и проф. д-р Лидија Попоска, потпретседателка на Здружението.

На настанот присуствуваа и претседателката на Лекарската комора на Северна Македонија, проф. д-р Калина Грифчева Старделова, кардиолози и кардиохирурзи од здравствените институции во државата, специјализанти, медицински сестри, претставници на здруженија на пациенти и медиуми.
Панел-дискусијата ги адресираше глобалните цели и пораки на овогодишното одбележување на Светскиот ден на срцето, но и конкретните предизвици поврзани со товарот и превенцијата на кардиоваскуларните заболувања во Македонија.
Светската федерација за срце оваа година ја испрати пораката „Не пропуштајте ниту едно срцево отчукување“, во рамки на повеќегодишната тема „Употреби го срцето за акција“. За Македонија, оваа порака не треба да остане само слоган, туку да биде поттик за конкретни активности и промени.
Според најновите достапни податоци на Светската здравствена организација, кардиоваскуларните заболувања се најчеста причина за смра во Македонија и остануваат еден од најголемите здравствени предизвици во земјата.
Министерот за здравство, г. Сашо Клековски, ја истакна потребата од навремено откривање и контрола на кардиоваскуларните ризик-фактори, нагласувајќи дека значителен дел од предвремените кардиоваскуларни настани може да се спречат преку рана превенција и соодветна контрола на ризик-факторите.
Шефот на Канцеларијата на СЗО во Северна Македонија, д-р Аким Али, во своето обраќање ја истакна неопходноста од рано воведување и доследна примена на превентивни мерки – од политики за намалување на употребата на тутун и никотин, преку промоција на здрава исхрана, до поттикнување на физичката активност уште од најрана возраст.

Проф. д-р Ирена Митевска нагласи дека Македонското здружение по кардиологија, како членка на Светската федерација за срце, оваа година ја потенцира потребата од поголема лична, но и институционална посветеност на кардиоваскуларната превенција.
Таа истакна дека се потребни национални стратегии, континуирана едукација и координиран пристап во заштитата на срцевото здравје. Во фокусот треба да бидат навременото препознавање на симптомите кои често се игнорираат, поттикнувањето здрави животни навики, редовната физичка активност, балансираната исхрана, откажувањето од пушење и редовните превентивни прегледи.
Проф. Митевска истакна дека само преку заеднички активности и партнерство меѓу Македонското здружение по кардиологија, Министерството за здравство, здруженијата на пациенти и останатите релевантни институции може да се постигне значително подобрување во превенцијата на кардиоваскуларните заболувања, да се намали товарот врз здравствениот систем и да се подобри квалитетот на животот на пациентите.
Меѓу клучните теми на панел-дискусијата беа подобрувањето на кардиоваскуларната превенција, развојот на скрининг-програми, потребата од национален план за превенција на кардиоваскуларни заболувања, подобрување на патеката на пациентот од примарното до терциерното здравство, дигитализацијата во здравството, воспоставувањето национален регистар на кардиоваскуларни ризик-фактори и нивната контрола, достапноста на современи терапии, како и развојот на програми за подигнување на свеста и едукација на населението за препознавање на кардиоваскуларните симптоми.
Проф. Лидија Попоска, како еден од клучните фактори во превенцијата беше истакната и улогата на физичката активност и исхраната.
Според податоците од профилот на СЗО, физичката неактивност кај адолесцентите е особено загрижувачка: голем процент од момчињата и девојчињата не го достигнуваат препорачаното ниво на физичка активност.
Физичката активност не треба да биде само препорака на крајот од лекарскиот преглед: „Вежбајте повеќе.“ Таа треба да стане дел од превентивниот рецепт.
Во нашата земја постојат стотици училишни и спортски сали кои претставуваат значаен потенцијал за промоција на здравјето. Тие можат да бидат инфраструктура за здравје – не само за часови по физичко образование и тренинзи на спортските клубови.

Еден од предлозите дискутирани во рамки на панелот беше овие простори, во одредени термини и под соодветни услови, да бидат достапни и за организирана физичка активност на возрасни – особено за лица со хипертензија, прекумерна телесна тежина, предијабетес или зголемен кардиоваскуларен ризик.
Во зимските месеци, греењето и соодветните услови за користење на овие простори треба да бидат стандард, а не привилегија. Ако сакаме физичката активност да стане составен дел од превенцијата на хипертензијата, дебелината и кардиоваскуларните заболувања, тогаш мора да обезбедиме каде и кога граѓаните ќе можат безбедно и редовно да вежбаат.
Од Светски ден на срцето до национална амбиција
Заклучокот на панелот беше јасен: Светскиот ден на срцето не треба да биде само ден кога зборуваме за кардиоваскуларните заболувања. Тој треба да биде поттик за конкретна национална амбиција – порано откривање на ризикот, подобра превенција и создавање услови за развој на здрава нација со здрави животни навики.
На крајот, кардиоваскуларното здравје на една земја не се мери само со бројот на современи болници и достапноста на современи лекови.
Се мери и со тоа колку луѓе никогаш нема да стигнат до нив.
Дополнително Светскиот ден на срцето е одбележан и на Универзитетската клиниката за кардиологија и кардиоваскуларна хирургија, со штанд со фалери од страна на фармацевтската компанија Алкалоид и делење на инфорамции на пациентите за кардиоваскуларните ризици и нивна превенција.
Виш Науч Сор. д-р Ирена Митевска
Претседател на Македонското здружение по кардиологија
Проф. Др. Лидија Попоска
Потпретцедател на Македонското здружение по кардиологија
Универзитетска клиника за Кардиологија и Кардиоваскуларна Хирургија, Национален Центар за Кардиоваскуларно здравје









