Почитувани колеги,
Од името на Организацискиот одбор на Шестиот Конгрес на Македонското здружение по кардиологија со меѓународно учество, имам чест и задоволство да Ви посакам добредојде на Конгресот, кој ќе се одржува од 03-06 октомври, 2019 година во Охрид, Северна Македонија.
Конгресот е наманет за кардиолози, спецјализанти по кардиологија и други професионалци кои работат во областа на кардиологијата кои ќе учествуваат со различни теми од кардиоваскуларната медицина. Размената на искуства на регионално, европско и меѓународно ниво ќе овозможи следење и остварување на мисијата на Европското здружение за кардиологија, која исто така е прифатена од нашето здружение „да го намалиме товарот од кардиоваскуларните болести”. Овој Конгрес е можност за размена на искуства за најновите научни и професионални достигнувања во кардиологијата и за слушање и запознавање на нови колеги од земјата и странство.
Една од главните теми на Конгресот ќе бидат кардиоваскуларните сликовни техники, кои се многу важен сегмент во поставувањето на дијагнозата, прогнозата, одлуката за третман и следење на кардиоваскуларните заболувања. Коронарните и структурните миокардијални заболувања третирани со перкутани интервенции, срцевите аритмии и болест на периферните артерии ќе бидат темите кои исто така ќе бидат во фокусот на Националниот Конгрес на Македонското здружение по кардиологија.
Секако дека и коронарната артериска болест, срцевата слабост, кардиомиопатиите, превентивната кардиологија, фармакотерапијата, кардиохирургијата, педијатриската кардиологија и други кардиоваскуларни заболувања ќе имаат свое место за презентација и дискусија на Конгресот. Најновите упатства за третман на кардиоваскуларните заболувања од Европското кардиолошко здружение ќе бидат целите на секоја сесија на Конгресот.
Конгресот е составен од пленарни сесии со домашни и меѓународни експерти, симпозиуми, орални и постер презентации во областа на современата кардиоваскуларна медицина. Неколку практични сесиии ќе бидеат организирани за време на Конгресот.
Многу сме среќни што нашиот Конгрес ќе биде поддржан од Европското здружение за кардиологија.
За време на Конгресот ќе се одржи Првиот Регионален конгрес на медицински сестри и техничари.
Ви пожелувам добредојде во Охрид, Северна Македонија.
Проф. Елизабета Србиновска Костовска,
Претседател на Македонското здружение за кардиологија